Оваа година, Регионалната академија за достоинствено работење, која кон крајот на ноември ја организираа Центарот за политики на еманципација, Институтот за социјална политика „Мусине Кокалари“ од Приштина, Здружението за заштита при работа на Црна Гора и Здружението за социјален, културен и креативен развој – ЗОРА, собра 60 учесници и учеснички од 45 организации и синдикати.
За време на двата работни дена во Игало, разговаравме за соработката меѓу синдикатите и невладините организации, заедничките кампањи и разменивме искуства за штрајкови и стратегии за преговарање во борбата за заштита на работничките права. Темите што ги покривме за време на панел дискусиите, предавањата и работилниците ги опфатија и родовата рамноправност на пазарот на труд, борбата за плата која обезбедува пристоен живот, безбедноста и здравјето при работа, како и неплатената работа за грижа и нега. За важноста на вклучувањето на социјалните и работничките права во „Зелената агенда“ и генерално размислувањето за одржлива иднина разговаравме со Александра Киковиќ, лидерка на тимот за инклузивен и зелен развој во УНДП во Црна Гора, додека за Германскиот закон за синџирите на снабдување и ЕУ Директивата за должно внимание и нивното значење за регионот на Западен Балкан разговаравме со Марен Лајфкер од фондацијата Brot für die Welt. Претседателот на Новиот синдикат од Хрватска, Марио Ивековиќ, ги сподели искуствата за соработката на овој синдикат со организациите на граѓанското општество во борбата за работничките права.
За време на конференцијата беа претставени и извештаите за состојбата на работничките права во поединечните држави на Западен Балкан. Извештаите беа изработени врз основа на индикаторите за достојно работење на Меѓународната организација на трудот, во соработка со Марио Рељановиќ, научен соработник на Институтот за компаративно право во Белград.
Конференцијата ја организиравме како продолжение на регионалното собирање што го започнавме минатата година во Драч, кога 20 организации го потпишаа Манифестот за достојно работење. На овогодинешниот собир, уште 24 организации, меѓу кои и 14 синдикати, го потпишаа Манифестот и на тој начин ја покажаа својата посветеност на регионалната борба за подобри услови за живот и работа.
Мрежата на организации што ја формираме во овој процес ќе служи во иднина како платформа за зајакнување на регионалната соработка, размена на идеи и искуства, како и за развој на заеднички стратегии кои ќе овозможат унапредување на работничките и социјалните права на Западен Балкан. Регионалната солидарност и поврзувањето се од клучно значење за напредокот на нашите општества.
Повеќе за регионалната иницијатива можете да прочитате на веб-страницата www.decentworkbalkans.com, каде што се наоѓаат и извештаите за состојбата на работничките права на Западен Балкан.
Организацијата на конференцијата е поддржана од European Fund for the Balkans и Western Balkans Fund.